Шведска и Финска, кои аплицираа за влез во НАТО, ќе присуствуваат на самитот на алијансата во Мадрид следниот месец, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез. Самитот ќе се одржи од 28 до 30 јуни.
„Тие се големи демократии, многу добро воспоставени и консолидирани демократии и мислам дека е исто така многу важно НАТО и Европската унија да ги имаат како сојузници на НАТО“, додаде тој.
Шпанија ќе ја забрза парламентарната процедура за да даде поддршка за влезот на двете нации во алијансата, додаде премиерот.
Шведска и Финска поднесоа барање за приклучување кон Алијанса по руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Но, сите 30 членки на НАТО мора да го одобрат проширувањето, а Турција предупреди дека нема да ги поддржи нивните апликации како што стојат работите.
Анкара долго време ги обвинува нордиските земји, особено Шведска, која има силна турска имигрантска заедница за засолниште на забранети курдски милитанти, како и поддржувачи на Фетула Ѓулен, проповедникот со седиште во САД што го обвинува дека стои зад неуспешниот пуч во 2016 година.
Шведска и Финска најавија дека ќе испратат делегации во Анкара оваа недела со надеж дека ќе го решат проблемот.
Кандидатурите на двете земји за влез во НАТО претставуваат една од најзначајните промени во безбедносната архитектура на Европа во последните децении, не само затоа што Финска дели 1.300 километри (800 милји) граница со Русија.