Пендаровски и Вучиќ ја поздравија одлуката на СПЦ за автокефалноста на МПЦ-ОА

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на Економскиот форум во Давос имал куса средба со неговиот српски колега Александар Вучиќ, на која ја поздравиле одлуката на СПЦ за прифаќање на афтокефалноста на МПЦ-ОА.

„Со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ на кратка средба во Давос заеднички ја поздравивме одлуката на СПЦ за прифаќање на автокефалноста на МПЦ – ОА, како чекор во вистинска насока“, објави претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.

СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-OA

Претходно, Пендаровски упати честитки по повод донесената одлука од соборот на Српската православна црква за прифаќање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, истакнувајќи дека ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед.

„Одлуката на Српската православна црква, ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија“, се наведува во пораката претседателот Пендаровски.

Пендаровски -Одлуката на СПЦ ќе придонесе за исправање на историските неправди

Патријархот Порфириј по денешното сослужување на заедничка литургија со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во Соборниот храм во Скопје, рече дека Соборот на Српската православна црква ја благословува и одобрува афтокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој додаде дека Светиот собор на СПЦ му дал должност на Синодот, во соработка со архиепископот Стефан и неговиот Синод, да разработат техничко-организациски детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.