Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ја обвини Русија дека ги користи како оружје резервите на храна бидејќи цените на житото, маслото за јадење и другите прехранбени производи се зголемуваат за време на инвазијата на Москва врз Украина, еден од најголемите светски производители на пченица.
„Во Украина која е окупирана од Русија, армијата на Кремљ ги конфискува резервите на жито и машините. А руските воени бродови во Црното Море ги блокираат украинските бродови полни со пченица и семки од сончоглед“, изјави Фон дер Лајен во нејзиниот говор на Економски форум во Давос.
Таа додаде дека Русија сега го трупа сопствениот извоз на храна како форма на уцена, при што задржува залихите со што придонесува за зголемување на глобалните цени или тргување со пченица во замена за политичка поддршка.
Блинкен ја обвини Русија дека ја користи храната како оружје во Украина
„Ова значи искористување на гладот и житото за да ја зголеми моќта“, вели Фон дер Лајен.
Таа рече дека на некои ова им враќа спомени од „мрачното минато - времињата на запленувањето на земјоделските култури на Советскиот сојуз и разорниот глад од 1930-тите“, период во кој од глад умреа милиони Украинци.
Од друга страна, пак, Русија го обвинува Западот за зголемувањето на цените на храната и недостигот поради воведувањето санкции како одговор на војната.
Германската влада ја обвини Русија за блокирање на можната испорака на околу 20 милиони тони жито од Украина, додека полскиот претседател Анджеј Дуда изјави на панелот во Давос дека недостигот на храна може да предизвика бран мигранти од Северна Африка во Европа.
Фон дер Лајен рече дека начинот за борба против потезите на Русија за нарушување на синџирот на снабдување со храна е преку глобална соработка.