Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во честитката до Македонската православна црква посветена на денешната објава за признавање на автокефалноста од Српската православна црква вели дека ова е голем ден. Тој порачува дека денешната одлука значи дека македонската црква мора да е обединета како и народот за да можат сите премрежја и искушенија да станат премостливи.
„Честитки за мудроста, обединетоста и достојноста на Синодот и неговото блаженство г.г. Стефан, за градењето на мостови, за бранењето на нашиот идентитет и вредности во кои веруваме, за премостените децениски и вековни јазови. После одлуката на Вселенската патријаршија, како и оваа денес, сведоци сме на историја важна за нашиот народ и нашата Македонија“, се вели во честитката на Мицкоски.
Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор се Синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени.
Патријархот на СПЦ Порфириј очекува дека сите помесни цркви ќе го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква - Охридската архиепископија.