Македонскиот претседател Стево Пендаровски упати честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан и до сите граѓани од православна вероисповед по повод едногласно донесената одлука од соборот на Српската православна црква за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
Тој во својот пост на официјалниот Фејсбук профил напиша дека ова е радосна вест за сите граѓани на земјава од православна вероисповед, која следи по одлуката на Вселенската Патријаршија за прием на МПЦ во канонско единство и во евхаристиско општење.
„Одлуката на Српската православна црква ќе придонесе за исправање на историските неправди и отвора можност за нов и необременет духовен раст на Охридската Архиепископија. Верувам дека целиот процес на признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архепископија ќе заврши со скоро потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, што ќе придонесе за исполнување на еден од нашите национални интереси и за напредок и помирување во македонското општество“, се вли во честитката на Пендаровски.
Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Тој во својот говор изјави дека сега на чекор се Синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени. Патријархот на СПЦ Порфириј очекува дека сите помесни цркви ќе го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква - Охридската архиепископија.