Македонскиот претседател Стево Пендаровски по повод 24 мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј упати честитка до граѓаните во која посочува дека за Македонците овој ден е повеќе од празник. Во неа вели дека и по единаесет века од упокојувањето на Св. Кирил и Методиј, сѐ уште се живи нивните дела и нивните мисли, но, како што додава, за жал, живи се и догмите против коишто се бореа.
„ Сѐ уште има такви коишто си земаат за право да имаат ексклузивитет врз општите и заеднички добра и се обидуваат да ги потчинуваат и условуваат останатите. Напредокот и добросостојбата се можни само со споделување на заеднички вредности, со давање и со помагање, а не со алчност, себичност и со доминација. Токму тоа најдобро го покажа делото на Св. Кирил и Методиј“, се вели во честитката на претседателот.
Телеграма со честитка по повод патрониот празник до ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски упати премиерот Димитар Ковачевски. Во неа е наведено дека на вработените и студентите им го честита патрониот празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија како прв државен универзитет во земјава.
„УКИМ ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност и како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на Светите браќа Кирил и Методиј. Ве уверувам дека јас како Премиер, и оваа Влада, остануваме посветени на активната поддршка на развојот на универзитетската и на образовната дејност. Со Колективниот договор за високо образование и наука минатата година го уредивме системот на плати во високото образование и ги оттргнавме неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование“, се вели во телеграмата на Ковачевски.
Искра Пановска-Димкова: Нема опасност за македонскиот јазик од Бугарија
Претседателот на македонското Собрание Талат Џафери во честитка по повод денешниот празник искажа верба дека патот на земјава ќе биде светол како што е и нивното дело.
„ Во ова време кога секојдневно се соочуваме со предизвици кои влијаат врз редовноста и квалитетот на образовниот процес, треба да ја имаме пред себе големата слика и јасната визија за тоа каде сакаме и како сакаме да стигнеме до крајната цел, односно со посветен труд и безрезервен ангажман на сите кои се дел од образовниот процес, учениците, просветните работници, образовните институции и се разбира, законодавците“, пишува Џафери во честитката.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во својата честитка до граѓаните посочи дека просветителската мисија за продуховување на словенските народи е само показател за силниот човечки дух и исконскиот порив да се зачува јазичната, културната и идентитетската посебност.
„Во денешно време кога Македонија се соочува со негирање на македонскиот идентитет, култура и историја, потребна ни е сплотеност и обединување на македонските граѓани со цел да ги победиме лошите политики, да ги направиме промените во Македонија и да обезбедиме подобра иднина. Не смееме да дозволиме тргување со нашиот идентитет, и наша обврска е да се избориме за почитување на нашето наследство што е заложбина и аманет на нашите предци“, се вели во честитката на Мицкоски.