По заедничката литургија во Србија, поглаварот на СПЦ Порфириј вчера попладнето пристигна во Скопје со делегација од осум владици. Тој денеска заедно со поглаварот на МПЦ г.г. Стефан ќе служат литургија по повод 24 мај, денот на сесловенските просветлители Кирил и Методиј.
По литургијата се очекува двајцата поглавари да имаат говори.
„Самата литургија значи заедништво, значи една уста и едно срце кои го слават Господ, без ниедна разлика и надминување на сите разлики кои не разделуваа“, изјави вчера црковниот претставник отец Бобан Митевски.
Денешната заедничка литургија во Скопје е продолжение на затоплувањето на односите меѓу двете цркви кое почна со заедничката литургија во четвртокот во храмот Св. Сава во Белград. Двете земји и двата црковни народи оваа литургија ја означија како историски чин, со кој се потврди надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и обновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Архиепископот Стефан ѝ се заблагодари на СПЦ што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија
Очекувањата во Скопје се дека наскоро СПЦ ќе достави барање до Вселенската Патријаршија за автокефалност на МПЦ-ОА.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА
Вселенската патријаршија на 9-ти мај ја призна за канонска МПЦ – ОА. Во меѓувреме грчките медиуми вчера пренесоа изјава од Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Тој, нагласувајќи ја историската одлука на Синодот за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и намалувањето на противреченостите на Балканот, навел дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка.