Ковачевски на средба со италијанскиот премиер Драги на вториот ден од посетата на Рим

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј

Владино-црковната делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на вториот ден од посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј, ќе одаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, каде митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил.

По посетата на базиликата „Сан Клементе“, премиерот Ковачевски ќе се сретне со премиерот на Италија, Марио Драги.

Ковачевски и Петков во Рим - дијалогот продолжува

Во однос на културно-уметничкиот дел од програмата, вечер во киното „Тицијано“ ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија (АЦДМАЕ).

Вчера Ковачевски имаше тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај неговата светост папата Франциск, на која присуствуваа и членови на македонската делегација.

Ковачевски на папата Франциск му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.