Ракети и сипаници

УКРАИНА - Вооружените сили на Република Белорусија го интензивираат извидувањето, се распоредуваат дополнителни единици во пограничните области на регионот Хомел. Останува заканата од ракетни и воздушни напади од територијата на Република Белорусија, се вели во извештајот на украинскиот Генералштаб за ситуацијата на 23 мај.

УКРАИНА - Корпорацијата Старбакс соопшти дека ќе ги затвори своите 130 продавници во Русија и по речиси 15 години ќе го напушти пазарот поради војната против Украина.

МАКЕДОНИЈА - Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара итна средба со претседателот на Владата Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, Фатмир Бесими и Јованка Тренчевска, во врска со барањето за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.

МАКЕДОНИЈА - Рускиот дипломат во Канцеларијата на Обединетите Нации во Женева, Борис Бондарев, поднесе оставка, откако претходно испрати писмо до неговите странски колеги во кое зборува против, како што вели - агресивната војна што ја започна претседателот Владимир Путин во Украина.

БУГАРИЈА - Многу e важно да продолжи конструктивниот дијалог со Северна Македонија, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков по аудиенцијата кај папата Франциск во Ватикан.

МАКЕДОНИЈА - Притвор од 30 дена доби наставник од Струмица поради сомнение за полов напад врз девојче помладо од 14 години, соопшти јавното обвинителство.

ИРАН - Иран ќе се одмазди за убиството на полковникот на Револуционерната гарда кој беше убиен во Техеран, предупреди денеска претседателот Ебрахим Раиси.

УКРАИНА / РУСИЈА - Доживотна казна затвор доби 21-годишниот руски војник Вадим Шишимарин. Судот во Киев во првото судење за воени злосторства од руската инвазија врз Украина го осуди војникот на доживотен затвор за убиство на невооружен цивил.

МАКЕДОНИЈА - Комисијата за заштита од заразни болести ја следи состојбата со мајмунските сипаници во светот, како и препораките на Светската здравствена организација кои во моментот не предвидуваат ограничување на движење на луѓе и стока во рамки на земјите каде не се регистрирани, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

САД - Американскиот претседател Џо Бајден го обвини својот руски колега Владимир Путин дека се обидува да ја елиминира Украина и порача дека поради тоа мора да ја плати цената за неговата инвазија.