Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара итна средба со претседателот на Владата Димитар Ковачевски, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, Фатмир Бесими и Јованка Тренчевска, во врска со барањето за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.
Барањето доаѓа откако ССМ викендов реагираше дека во ребалансот на Буџетот не се предвидени средства за оваа намена, како што им било ветено за време на преговорите за Општиот колективен договор за јавниот сектор.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски вели дека според презентираниот ребаланс на Буџетот од страна на министерот за финансии и анализите на ССМ, нема предвидено средства за линеарно – солидарно зголемување на платите во нето износ од 2.806 денари, како што бараал ССМ во Општиот колективен договор за јавниот сектор и за време на преговорите што ги воделе со тимот министри.
Димовски вели дека тогаш добиле уверување дека со релабансот на Буџетот ќе го добијат линеарното зголемување на платите.
Од ССМ велат дека доколку власта не го исполни ветеното, не ја исклучуваат можноста за генерален штрајк.
Оттаму појаснуваат дека доколку не го добијат ветеното зголемување со ребалансот на Буџетот, синдикатот од септември ќе бара зголемување на платите за 18,4 проценти според членот 8 од Законот за минимална плата кој, како што велат, предвидува усогласување на останатите плати со минималната плата.