Украинските вооружени сили предупредија на зголемени воени активности од страна на Белорусија, како и зголемување на нивото на нејзините трупи во близина на границата.
„Вооружените сили на Република Белорусија го интензивираат извидувањето, се распоредуваат дополнителни единици во пограничните области на регионот Хомел“, се вели во извештајот на украинскиот Генералштаб за ситуацијата на 23 мај.
„Останува заканата од ракетни и воздушни напади од територијата на Република Белорусија“, се додава во соопштението.
По украинското соопштение, белоруското Министерство за одбрана објави дека започнало, како што наведува „уште една фаза на проверки“ на воената опрема со цел да се утврди нивната мобилност и капацитет.
Белорусија официјално не учествува во војната што Москва ја започна против Украина на 24 февруари, но им дозволи на руските сили да ја користат нивната територија за напади врз украинска територија.
Соочени со меѓународна изолација, белорускиот претседател Александар Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретнаа по трет пат во последниот месец.
Фокусот на средбата, која се одржа во руското црноморско одморалиште Сочи, беше на тековната војна во Украина, при што Лукашенко му се заблагодари на Западот што дал поттик за нивниот „сопствен развој“.