Рускиот дипломат во Канцеларијата на Обединетите Нации во Женева, Борис Бондарев, поднесе оставка, откако претходно испрати писмо до неговите странски колеги во кое зборува против „агресивната војна што ја започна“ претседателот Владимир Путин во Украина.
41-годишниот Бондарев ја потврди својата оставка во писмото доставено денеска наутро до руската дипломатска мисија.
„Во дваесет години од мојата дипломатска кариера видов различни пресврти во нашата надворешна политика, но никогаш не се срамев од мојата земја како на 24 февруари годинава“, напиша тој, алудирајќи на датумот на почетокот на руската инвазијата.
Бондарев е дипломатски советник кој беше фокусиран на улогата на Русија во Женевската конференција за разоружување, откако претходно работеше во Камбоџа и Монголија.
Оставката е ретко јавно признавање на незадоволството поради руската инвазија врз Украина меѓу рускиот дипломатски кор, во време кога владата на Путин се обидува да ги смири несогласувањата околу инвазијата.
„Она што го прави мојата влада сега е неподносливо“, изјави Бондарев за АП.
„Како државен службеник морам да сносам дел од одговорноста за тоа, не сакам да го правам тоа“, рече Бондарев.
Бондарев рече дека се уште не добил никаква реакција од руските официјални лица, но додаде:
„Дали сум загрижен за евентуалната реакција на Москва? Мора да бидам загрижен за тоа“.
Запрашан дали некои колеги го чувствуваат истото, тој вели дека „не сите руски дипломати се љубители на војна. Тие се разумни, но мора да ја држат устата затворена“.
Тој наведува дека неговиот случај може да стане пример.
„Ако мојот случај се процесуира, тогаш доколку другите луѓе сакаат да го следат мојот пример, нема да го направат тоа “, рече тој.
Во изјавата на англиски јазик испратена до околу 40 дипломати, Бондарев вели дека оние што ја смислиле војната „сакаат само едно - да останат на власт засекогаш, да живеат во помпезни невкусни палати, да пловат на јахти кои ги споредуваат по тонажа и со цени со целата руска морнарица, уживајќи неограничена моќ и целосна неказнивост“.