Германскиот канцелар Олаф Шолц треба да ги посети Србија и Западен Балкан на 10 јуни, потврдија за ДВ од српски дипломатски извори, според кои целта е добра подготовка за самитот на Берлинскиот процес, јави допсиникот на МИА од Белград.
„Се стремиме кон тој датум, посетата допрва треба да се координира со другите земји од регионот“, рече изворот на ДВ, според кој Шолц, покрај Белград, секако ќе ја посети и Приштина, а патувањето има тенденција да прерасне во мала балканска турнеја со посети на Тирана и Скопје, а можеби и Сараево.
Претходно новинарот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаел Мартенс на Твитер објави дека Шолц доаѓа во Белград на 10 јуни и дека темите ќе бидат „енергетика, економија, позицијата на Србија кон Русија“ и други.
Според ДВ, Шолц се обидува добро да го подготви самитот на Берлинскиот процес, кој најверојатно ќе се одржи во август: „За разлика од поранешната канцеларка Меркел, Шолц повеќе оди кон конкретни решенија. Битно му е овој самит да не биде само скапо патување, туку да се постигнат конкретни решенија“.
Целта на Берлинскиот процес е поблиско поврзување на регионот на Западен Балкан, преку слободен проток на луѓе, стоки, капитал и услуги.
Покрај обидот да го вклучи Белград во санкциите против Русија, Шолц ќе се обиде да понуди нешто и на Албанија и Северна Македонија, велат упатените, пишува ДВ, според кои се очекува францускиот претседател Емануел Макрон дополнително да го блокира почетокот на преговорите на ЕУ со Скопје и Тирана. Затоа, велат изворите на ДВ, самитот ЕУ-Западен Балкан под француско претседателство во јуни ќе се одржи во Брисел, а не во Париз.
Макрон и Шолц се разликуваат во нивните идеи за проширувањето на ЕУ. Францускиот претседател неодамна ја поттикна визијата за Европа со „две брзини“, каде земјите како Србија и нејзините соседи ќе имаат место само во надворешниот прстен, но нема да бидат полноправни членки на ЕУ.
Посетата на Шолц на Балканот е нов доказ дека регионот е високо на листата на приоритети на новата коалициона влада во Берлин. На почетокот на мај, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти го посетија Берлин.
Тогаш беше оценето дека Владата на Шолц придава големо значење на косовскиот проблем во светлината на војната во Украина. Шолц тогаш за прв пат рече дека „взаемното признавање“ треба да биде дел од сеопфатниот договор меѓу Белград и Приштина, пишува ДВ.