Бајден: Целта на Путин е да ја елиминира Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден го обвини својот руски колега Владимир Путин дека се обидува да ја „елиминира“ Украина и порача дека поради тоа мора да ја плати цената за неговата инвазија.

Бајден кој е во посета на Јапонија, денеска на прес конференција во Токио рече дека руското бомбардирање на цивилната инфраструктура како што се училишта, театри, болници и музеи ги покажува вистинските намери на Путин со инвазијата што ја започна на 24 февруари.

„Верувам дека она што Путин се обидува да го направи е да го елиминира идентитетот на Украина. Тој не може да го окупира, но може да се обиде да го уништи идентитетот на земјата“, рече Бајден.

Украина ја обвини Русија дека извршила злосторства за време на нејзината неиспровоцирана инвазија и соопшти дека идентификувала повеќе од 10.000 можни воени злосторства. Русија негира дека цели на цивили и тврди дека доказите за злосторствата презентирани од Украина биле исценирани.

Бајден: САД би интервенирале воено во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Пред да започне инвазијата, која Путин ја нарекува „специјална воена операција“, тој експлицитно негираше дека Украина некогаш имала „вистинска државност“ и рече дека земјата е составен дел од „сопствената историја, култура и духовен простор на Русија“.

Бајден рече дека Путин мора „да плати висока цена за неговото варварство во Украина“, за да се даде пример и на други земји кои ќе се обидат да преземат слични агресивни акции, алудијарќи на тензиите меѓу Кина и Тајван.