УНХЦР: Бројот на принудно раселени лица во светот надмина 100 милиони

Илустрација

Повеќе од 100 милиони луѓе во светот биле приморани да ги напуштат своите домови, бегајќи од воени конфликти, насилство, прогон и поради кршење на човековите права. Ова денеска го соопшти високиот комесар на Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР).

За прв пат во историјата е надмината границата од 100 милиони раселени лица низ светот.

Според податоците на УНХЦР, руската инвазија врз Украина е една од причините за раселувањето на милиони луѓе, но за големиот број бегалци придонеле и постојаните борби во земјите како Етиопија и Демократската Република Конго.

„Ова е рекорд кој никогаш не требаше да се постави. Ова мора да послужи како повик за будење за да се решат и да се спречат разорните конфликти, да се стави крај на прогонот и да се елиминираат причините поради кои невини луѓе ги напуштаат своите домови“, порача високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Гранди повика да се решат причините за раселувањето, наведувајќи дека хуманитарната помош само ги ублажува последиците.

Тој на Твитер напиша дека бројот на раселени е показател за „страшната состојба на нашиот свет“ и дека потрагата по решение за нивната мака мора да продолжи.