Бајден во посета на Јапонија

Јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши и американскиот амбасадор во Јапонија Рам Емануел го поздравуваат американскиот претседател Џо Бајден по пристигнувањето во воздухопловната база Јокота во Токио на 22 мај 2022 година.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го увери својот „добар пријател“ јапонскиот премиер Фумио Кишида дека Соединетите држави се целосно посветени на одбраната на Јапонија, во услови на тензиите со Кина и последиците од руската инвазија на Украина. Камен-темелник на дводневната посета на Бајден, која вклучува средби со лидерите на Јапонија, Индија и Австралија, во групата „Квад“, ќе биде лансирањето на Индо-пацифичката економска рамка, широк план што обезбедува економски столб за американскиот ангажман со Азија. „Алијансата меѓу САД и Јапонија долго време беше камен-темелник на мирот и просперитетот во Индо-Пацификот, а Соединетите држави остануваат целосно посветени на одбраната на Јапонија“, рече Бајден на почетокот на разговорите со Кишида во палатата Акасака во центарот на Токио.

САД и Јужна Кореја со договор за засилени мерки за Северна Кореја

Ова е втора етапа од неговото патување во Азија по Јужна Кореја. Тој во Јужна Кореја имаше состанок со новиот претседател Јун Сук-џеол, на кој, меѓу другото, разговараше за зајакнување на воените вежби против „ѕвечакањето со оружје“ на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Ова беше објавено во моментот кога јужнокорејската разузнавачка служба објави дека Северна Кореја ги завршила подготовките за извршување на нуклеарна проба која ќе биде седма во нејзината историја и прва во последните пет години. Не е исклучено овој тест да биде направен додека американскиот претседател е во посета на Азија.