Дуда ја повика Украина да не попушта на „барањата“ на Путин

Полскиот претседател Анджеј Дуда во својот говор пред Врховната Рада.

Полскиот претседател Анджеј Дуда кој денеска е во ненадејна посета на Киев во својот говор пред Врховната Рада ја повика Украина да не попушта на „барањата“ на рускиот претседател Владимир Путин.

„Само Украина има право да одлучува за својата иднина“, им рече тој на пратениците.

Тој додаде дека предавањето на која било украинска територија ќе биде удар за целиот Запад и ја повтори цврстата поддршка на Полска за членството на Украина во Европската унија.

Дуда е првиот шеф на држава што се обрати пред украинскиот парламент откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Во април, Дуда го посети Киев и одржа разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски како дел од делегацијата со претседателите на Литванија, Латвија и Естонија.

Зеленски вчера го отфрли предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон Украина да биде поканета да се приклучи на некоја форма на „поврзана“ политичка заедница со ЕУ.