Хил: Патот за Србија е Западот и ЕУ

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил

Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил пред утрешната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за земјата има само еден пат.

„За разлика од минатото, кога во Србија се мислеше дека постои трет пат, дека Србија не е ниту на исток ниту на запад, дека е посебна и оди по својот пат, сега мнозинството во Србија смета дека постои прав пат и погрешен пат и сака да го избере тој вистински пат. Мислам дека има само еден пат за Србија, а тоа е Западот, тоа е Европската Унија“, изјави амбасадорот Хил во интервју за Политика.

Според него, граѓаните на Србија „одлучиле нивната иднина да е на Запад, а не на некој недефиниран Исток“. Тоа, како што рече, го кажува врз основа на она што секојдневно го слуша од луѓето, но и врз основа на изјавите на Вучиќ.

Хил оценува дека Украина и Косово се „многу различни ситуации“. Тој притоа повика да не се поврзува она што се случи на Косово во 1999 година со она што се случува во Украина денеска. Хил притоа изрази разочарување што „проблемот на Косово сè уште постои“ и дека „Србија и Косово се соседни земји кои треба да решат многу проблеми“. Според него, вистинскиот начин е дијалогот преку ЕУ и преговорите во Брисел.

„Сите елементи мора да бидат на преговарачка маса и не можете да кажете за ова сакам да зборувам, а не сакам за ова. Обесхрабрен сум кога го гледам ова“, истакна Хил.

Во однос на воведувањето санкции против Русија, тој рече дека Србија треба да одлучи дали односите со Русија и донеле добро и дали тие добро им служат на српските интереси.