ССМ бара средба со Владата во ребалансот на Буџетот нема зголемување на платите

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски

Од Сојузот на синдикатите на Македонија- ССМ соопштија дека бараат итна средба со Владата, бидејќи ребалансот на Буџетот не го испорачува договореното.

„Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130 илјади работници во државата во време кога економската, енергетската криза и инфлацијата ги јадат работничките плати“, се наведува во реакцијата на ССМ.

Ако не биде постигнат договор за 2806 денари сега, како што наведуваат од ССМ, од септември истото ќе изнесува 18,4 проценти односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од 6 месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од 6 месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа, според синдикатот, назад нема.

Од ССМ потсетуваат дека се барало зголемување на платите уште од 1 мај и поради тоа на улица излегле преку 7500 работници, кои јасно ја упатиле пораката дека зголемени плати им се потребни веднаш. Но, како што истакнуваат, очигледно пораката не е разбрана.

„ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2806 денари веднаш е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон“, соопштија од ССМ.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференција за ребаланост на Буџетот изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.