Полскиот претседател Дуда во ненадејна посета на Киев

Полскиот претседател Анджеј Дуда за време на претходната посета на Украина заедно со други лидери.

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска е во ненадејна посета на Киев и се очекува да стане првиот шеф на држава што ќе се обрати пред украинскиот парламент откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари. Се очекува Дуда да го повтори својот повик за членство на Украина во Европската унија кога ќе зборува пред Врховната Рада.

Во април, Дуда го посети Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски како дел од делегацијата со претседателите на Литванија, Латвија и Естонија.

Зеленски вчера го отфрли предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон Украина да биде поканета да се приклучи на некоја форма на „поврзана“ политичка заедница со ЕУ.

„Не ни требаат такви компромиси. Бидејќи, верувајте ми, тоа нема да биде компромис со Украина во Европа. Тоа ќе биде уште еден компромис меѓу Европа и Русија“, рече Зеленски во Киев за време на заедничката прес-конференција со португалскиот премиер Антонио Коста кој беше во посета на земјата

Зеленски утре преку видеоврска треба да се обрати на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.