Националната организација за јавно здравје на Грција го испитува првиот сомнителен случај на мајмунски сипаници во земјата, а станува збор за турист од Англија, јави дописничката на МИА од Атина.
Оттаму соопштија дека туристот, заедно со неговата придружничка, која е без симптоми, се хоспитализирани во атинска болница. Грчите медиуми јавија дека 29-годишниот Англичанец, заедно со неговата пријателка биле на одмор на Кефалонија, каде што и му се појавиле првите симптоми, меѓу кои и осип на кожата и од локалниот здравствен центар, со авион бил пренесен во атинската болница „Атикон“.
„Не постои специјална терапија, повеќето пациенти целосно закрепнуваат во рок од неколку седмици. Појавувањето случаи во Велика Британија без претходно патување, како и појавувањето спорадични случаи во други европски земји укажуваат на тоа дека болеста најверојатно се шири во заедницата. Се нагласува дека врз основа на досегашните епидемиолошки податоци, опасноста за општата популација е низок, бидејќи болеста е обично лесна и се самоограничува, со релативно мало ширење“, соопштија во петокот од Националната организација за јавно здравје на Грција.
Регионалниот директор на Светската здравствена организација-СЗО за Европа , Ханс Клуге вчера предупреди дека ширењето на реткиот вирус на мајмунски сипаници може да се забрза на континентот во текот на летните месеци.
„Како што влегуваме во летната сезона во европскиот регион, со масовни собири, фестивали и забави, загрижен сум дека преносот може да се забрза, бидејќи случаите што моментално се откриени се меѓу оние кои имале сексуална активност, а симптомите се непознати за многумина“, рече Клуге.
Повеќе од 100 случаи на вирусна инфекција се потврдени или се сомнителни во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.