ВМРО-ДПМНЕ со критика за Буџетот, СДСМ и Ковачевски велат насочен е каде што е најпотребно

Банкноти по 1000 денари. Илустрација.

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека ништо не може да подобри со ребалансот на буџетот, туку напротив, според опозициската партија, дополнително ќе ја продлабочи економската криза до степен на катастрофа.

„Кратењата на средства за капитални инвестиции се еден од показателите дека и со овој ребаланс буџетот нема да има никаква развојна компонента. Очигледно дека остануваат нечепнати уште стотици милиони евра непродуктивни трошења, на сметка на кратењата на капиталните инвестиции, изградби на патишта, болници, и други проекти кои се двигател во секоја економија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Заради лошите досегашни економски политики, како што додаваат оттаму, власта на СДСМ и ДУИ ја довела Македонија да биде задолжена над 7 милијарди евра со тендеција тој долг уште да расте, да биде земја со најнизок раст на БДП во регионот, да биде меѓу земјите со највисока стапка на инфлација, да биде земја со 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија, да биде земја со најмалку странски инвестиции, да биде една од најсиромашните во Европа итн.

Премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил напиша дека „со покачувањето на платите се штитиме од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно- директно во приходите на граѓаните“.

Од СДСМ соопштија дека со ребалансот на Буџетот Владата предводена од СДСМ обезбедува заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци, обезбедува средства за производство на храна за наредната година, поголеми плати и пензии, поддршка за граѓаните и компаниите и заштита на стандардот со нови мерки.

„СДСМ и Владата којашто ја предводи со брзи и добро смислени мерки успешно менаџираат со последиците од најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна во Европа. Го штитиме стандардот на граѓаните и компаниите, ги зголемуваме платите и пензиите, обезбедуваме ликвидност на буџетот, спроведуваме енергетска трансформација, и паралелно инвестираме во земјоделството и ги зголемуваме површините за да има доволно храна наредната година“, велат од владејачката партија.

Благодарение на одговорни и вистински политики на СДСМ, како што посочуваат, просечната плата се искачи над 500 евра и во време на криза, минималната плата се зголеми двојно, на 18.000 денари, платите во образованието рекордно се зголемија за 15%, постојано растат платите во сите сектори, а следува и историски раст на пензиите и нова методологија за постојан раст.

Владата го усвои ребалансот на Буџетот кој предвидува економскиот раст годинава да биде 3,2 проценти. Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарда денари повеќе во однос на првичниот буџет.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување од 59,3 милијарди денари на меѓународниот и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар.