Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека ако што буџетот за 2022 не бил развоен и не обезбедувал подобар стандард на граѓаните, така и презентираниот ребаланс, според опозициската партија, нема да ги промени економските состојби. Напротив, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи економскиот хаос и пропаѓање.
„Ребалансот на буџетот само ги покажува безидејните политики на власта на СДСМ и ДУИ. Кратењето на капиталните инвестиции докажува дека оваа власт нема ниту план ниту визија како Македонија да излезе од економската криза, за која самата е одговорна. Ако на ова се надоврзе лошата реализација, тогаш доаѓаме до заклучок дека нема да има речиси никаква активност на владата на овој план, што е клучен за економијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, ребалансот на буџетот покажува дека владата во услови на криза предвидела стотици милиони евра непродуктивни трошоци, од кои само дел се кратат.
„Тие стотици милиони евра требаше да бидат искористени од самиот почеток на годината за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата. Со тоа ќе се спречеа последиците на кризата, за која и самите говореа дека занеле дека ќе дојде уште од минатата есен. Сега наместо да се превенира, ќе се потрошат двојно повеќе средства за да делумно се санираат негативните ефекти“, додаваат оттаму.
Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција за ребаланост на Буџетот кој вчера беше усвоен од Владата изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.
Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година.