Бесими: Економски раст од 3,2 проценти, инфлација 7,2 отсто

Министерот за финансии Фатимир Бесими

Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција за ребаланост на Буџетот кој вчера беше усвоен од Владата изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“, рече Бесими.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот. Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година.

Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти, што е интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година. Меѓународните финансиски институции, укажа Бесими, очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци, додека догодина да дојде до нивна целосна стабилизација.

Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарда денари повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари, според Бесими, ќе се финансираат преку задолжување од 59,3 милијарди денари на меѓународниот и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Планираното ниво на даночните приходи е за пет проценти повисоко во однос на Буџетот. Износот на вкупните планирани расходи, пак, е 288,5 милијарди денари или за околу 16,1 милијарди денари (за 5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Според Бесими, годинава се очекува раст на побарувачката за работна сила, поттикната преку активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Според основното макроекономско сценарио, растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6 проценти, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9 проценти, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5 проценти.

Просечната нето-плата, според Бесими, се очекува забрзано да расте со проекција од 11 проценти за 2022, во услови на покачување на минималната плата за 18,4% во март, зголемување на платите во секторот образование, како и пораст на платите во некои високо-продуктивни дејности, како што се информациско-комуникациската дејност, стручни, научни и технички дејности.