САД и Јужна Кореја со договор за засилени мерки за Северна Кореја

Американскиот претседател Џо Бајден

САД и Јужна Кореја се договорија денеска да ги засилат мерките за одвраќање на Северна Кореја и да ја прошират соработката за низа мерки од сајбер безбедноста и нуклеарната енергија до регионалната безбедност и синџирите на снабдување.

Во заедничката изјава објавена по првиот самит меѓу американскиот претседател Џо Бајден и новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јол, двете земји ветија дека ќе го прошират својот сојуз за да се справат со прашања надвор од Северна Кореја, додека остануваат отворени за разговори со Пјонгјанг.

Двајцата лидери, исто така, ја споделиле својата загриженост за ширењето на Ковид- 19 во Северна Кореја и понудиле да работат со меѓународната заедница за давање на помош.

Бајден рече дека Америка и понудила на Северна Кореја вакцини за Ковид- 19, но,не добила одговор и покрај ширењето на болеста во изолираната земја.

„Ние понудивме вакцини, не само на Северна Кореја, туку и на Кина, и подготвени сме да го сториме тоа веднаш. Немаме одговор“, рече Бајден на прес-конференција во Сеул.