Регионалниот директор на Светската здравствена организација-СЗО за Европа , Ханс Клуге предупреди дека ширењето на реткиот вирус на мајмунски сипаници може да се забрза на континентот во текот на летните месеци.
„Како што влегуваме во летната сезона во европскиот регион, со масовни собири, фестивали и забави, загрижен сум дека преносот може да се забрза, бидејќи случаите што моментално се откриени се меѓу оние кои имале сексуална активност, а симптомите се непознати за многумина“, рече Клуге.
Повеќе од 100 случаи на вирусна инфекција се потврдени или се сомнителни во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.
Мајмунските сипаници, почести во западна и централна Африка, предизвикуваат блага вирусна болест која се карактеризира со треска и карактеристичен осип. Прво идентификувана кај мајмуните, болеста обично се шири преку близок контакт и ретко се шири надвор од Африка.
Научниците не очекуваат дека избувнувањето ќе еволуира во пандемија како Ковид-19 бидејќи вирусот не се шири толку лесно. Мајмунските сипаници генерално се јавуваат во Централна и Западна Африка, често во близина на тропските дождовни шуми, и се сметаат за ендемични во Демократска Република Конго, каде што за прв пат беше откриена кај луѓето во 1970 година.