Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска порача дека за да има решение на спорот со Северна Македонија, прво треба да се поминат неколку филтри во Бугарија, како што се Министерството за надворешни работи, владата, коалициските партнери и парламентот.
За тоа дали презел чекори за давање „зелено светло“ за Северна Македонија рече дека тој самостојно не може да одлучува.
„Ако има договор со Северна Македонија, Министерството за надворешни работи треба да ја извести Владата, Коалицискиот совет и Парламентот да одлучи. Премиерот не може самостојно да носи одлуки“, рече Петков.
Оваа изјава на премиерот Петков доаѓа по средбата со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, кој во Софија оствари средби и со претседателот Румен Радев како и со министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, по што изрази очекување Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје.
Вархеји по средбата со Петков на Твитер напиша дека наскоро ќе се врати во Софија за да се најде заеднички прифатливо решение за отворање на преговорите со Северна Македонија.