Владата на денешната седница ќе го разгледа ребалансот на Буџетот, но ќе расправа и околу потребата од евентуално продолжување на кризната состојба соопшти Министерот за економија Крешник Бектеши.
„Во моментот Комисијата ги разгледува сите опциии – дали треба да продолжи кризната состојба или не, ако треба да се продолжи или тоа се предлага од институциите, тоа треба да го направи Собранието. Ние ќе предвидиме средства, тоа е наша обврска, да се подготвиме навреме ако продолжи кризата во Украина“, истакна Бектеши.
Тој повтори дека со ребалансот се предвидени кратења на трошоците во институциите за да има средства за креирање мерки кои би ги заштитиле граѓаните и стопанството.
Министерот тврди дека земјава располага со сите прехранбени производи во доволни количини, а Министерството за економија предлага да нема директно замрзнување на цените.
Бектеши денеска информираше и дека нема да има никаква измена во делот на евтината тарифа од 22:00 – 07:00 часот, ќе се интервенира само во високата тарифа.
Колкава ќе биде финалната цена по блокови, ќе се знае откако ќе се одлучи со која цена ЕСМ ќе ги покрива потребите на ЕВН хоум за домаќинствата, малите и микро претрајтијата.
„Финализиран е новиот модел на тарифирање од страна на РКЕ. Само треба да се одлучи од страна на Владата во делот на цената на ЕСМ што ќе ја даде за ЕВН хоум како што правиме двапати годишно. Лани одлучивме да биде 41 евро, сега се прават анализите во ЕСМ. Кога ќе се одлучи со која цена ЕСМ ќе ги покрива потребите на ЕВН хоум за домаќинства и мали и микро претрајтија, тогаш ќе знаеме колкава би била финалната цена по блокови“, информира Бектеши.