Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Москва ќе создаде нови воени бази во своите западни региони и ќе формира 12 нови единици и дивизии како одговор на потегот на Шведска и Финска да се приклучат на воената алијанса на НАТО.
„Тензијата продолжува да расте во зоната на одговорност на Западниот воен округ. Преземаме соодветни контрамерки“, рече Шојгу.
„До крајот на годината таму ќе бидат формирани 12 воени единици и дивизии“, рече Шојгу, додавајќи дека армијата очекува да добие повеќе од 2.000 единици воена опрема и оружје.
Финска и Шведска на 18 мај официјално поднесоа барање да се приклучат на западната одбранбена алијанса НАТО, откажувајќи се од својот долгогодишен статус на неутралност поради зголемената загриженост за безбедноста поттикната од неиспровоцираната инвазија на Русија на Украина.
Претседателот Владимир Путин на 16 мај рече дека членството на Шведска и Финска во НАТО не претставува закана за Русија, но предупреди дека Москва ќе одговори доколку Алијансата ја зајакне воената инфраструктура во двете земји.
Обработката на апликациите на двете нордиски земји се очекува да се движи брзо и покрај противењето на членката на НАТО, Турција.
Американскиот претседател Џо Бајден на 19 мај изрази силна поддршка за двете апликации за НАТО на средбата со лидерите на двете земји во Белата куќа, нарекувајќи ги двете земји „големи демократии“ и „многу способни партнери“.