Долниот дом на рускиот парламент, Државната дума, соопшти дека ќе расправа за нацрт-законот со кој ќе се отстрани горната старосна граница и ќе им се овозможи на сите постари од 18 години да се пријават за војска, што е можен знак за тоа дека Москва претрпела големи загуби на персонал во нејзината војна против Украина.
Според сегашното законодавство, само Русите на возраст од 18 до 40 години и странци на возраст од 18 до 30 години имаат право да се регистрираат како професионални војници во армијата.
Во амандманот, претставен од страна на шефот на Комитетот за одбрана на Думата, Андреј Картаполов и неговиот заменик Андреј Красов, не се споменува горна старосна граница.
„За употреба на оружје со висока прецизност, ракување со оружје и воена опрема, потребни се високо професионални специјалисти. Искуството покажува дека тие стануваат такви на возраст од 40 до 45 години“, се вели во нацртот објавен денеска на веб-страницата на Државната дума.
Западните воени експерти се прашуваат уште колку долго Москва ќе биде способна да ги одржува своите офанзивни операции во Украина поради големите загуби за кои се сомнева дека ги претрпела од започнувањето на инвазијата на 24 февруари.
Амандманот, исто така, ќе им олесни на вооружените сили на Русија да регрутираат цивилни медицински лица, инженери и специјалисти за операции и комуникации.