Украинските пратеници претставија резолуција со која рускиот претседател Владимир Путин ќе биде прогласен за воен злосторник поради неговите „агресивни“ потези против нивната земја, вклучително и започнувањето на неиспровоцираната инвазија во февруари.
Нацрт-резолуцијата беше подготвена од парламентарните групи и комисии и регистрирана во Врховната Рада на 19 мај.
Авторите на резолуцијата директно го поврзаа Путин со „агресивната војна против Украина“, вклучително и тековната инвазија што тој ја започна на 24 февруари, анексијата на Крим и окупацијата на делови од источните региони на Украина во Луганск и Доњецк во 2014 година.
Во нацрт-резолуцијата, која сега го чека одредувањето датум за расправа во Парламентот, се вели дека Путин е директно одговорен за агресијата „во која милиони Украинци претрпеа штета по нивното здравје, во многу случаи смрт, загубија движен и недвижен имот и беа принудени да ги напуштат своите домови“.
Во резолуцијата се споменуваат и отворените изјави и активности на Путин „со цел ликвидација на националната култура, идентитет и државност на Украина“.