Земјите на Квинта ја повикаа косовската влада да ја спроведе одлуката на судот за манастирот Дечани

Манастирот Високи Дечани во Косово

Амбасадорите на земјите на Квинта (Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и САД) повторно ја повикаа Владата на Косово целосно да го регистрира земјиштето на манастирот Дечани без дополнително одлагање, согласно одлуката на Уставниот суд.

„Спроведувањето на владеењето на правото и почитувањето на независноста на судството се одговорност на сите демократски избрани влади. Тие се исто така неопходни предуслови за демократска консолидација на Косово и негова интеграција во европските и евроатлантските институции“, соопштија амбасадорите.

Квинта е неофицијална група за донесување на одлуки составена од САД, Италија, Германија, Обединетото Кралство и Франција и делува како „директориум“ на различни ентитети како што се НАТО, Г7 и Г20.

На 20 мај 2016 година, Уставниот суд на Косово пресуди дека манастирот Високи Дечани поседува 24 хектари земјиште и шуми.

Иако одлуките на Уставниот суд се конечни и обврзувачки за сите страни, локалните власти во Дечани одбиваат да го спроведат бидејќи сметаат дека имотот е на социјалните претпријатија „Апико“ и „Илирија“, а дека никогаш не му припаѓал на манастирот.

Тие оценуваат и дека Уставниот суд ја легализирал одлуката на Слободан Милошевиќ од 1997 година кога одлучил тој имот да му го подари на манастирот Високи Дечани.