Кина почна воени вежби во спорното Јужно Кинеско Море, во момент кога американскиот претседател Џо Бајден ја започнува посетата на Јужна Кореја и Јапонија, во чиј фокус е да се спротивстави на заканите од Пекинг кон земјите од тој регион.
Канцеларијата на Управата за поморска безбедност во јужната островска провинција Хаинан соопшти дека вежбите започнале во четвртокот на 19 мај и дека ќе траат до понеделник на 23 мај.
Најавено е дека на други пловни објекти ќе им биде забранет влезот во областа. Кина полага право на Јужнаото Кинеско Море во целост, а оваа клучна поморска рута е потенцијално жариште на конфликти во Азија.
САД не заземаат став за суверенитетот над областа, но инсистираат на правото на слободна пловидба и нивните воени бродови често минуваат во близина на милитаризираните острови контролирани од Кина, како дел од „слободните навигациски операции“.
Кина секогаш протестира против таквите мисии, обележувајќи ги како намерни провокации кои ги загрозуваат мирот и стабилноста. За да ги зајакне своите аспирации во областа, Кина гради писти и друга воена инфраструктура на островите што ги изгради на коралните гребени и атоли.
Брунеи, Малезија, Филипините и Тајван, исто така, претендираат на делови од Јужното Кинеско Море.
Од почетокот на мај, првиот кинески носач на авиони, Лиаонинг, е на мисија во Јапонското Море, која кинеското Министерствоза одбрана ја опиша како „рутинска обука во согласност со релевантното меѓународно право и практика, и дека не е насочена против било кој“.
Два кинески нуклеарни бомбардери со долг дострел Х-6 ја прелетаа областа во средата, јавуваат кинеските медиуми.
За време на посетата на Токио, Бајден ќе се сретне со лидерите на Индо-пацифичката стратешка алијанса позната како „Quad“, чии членови се САД и Австралија, Индија и Јапонија.
Четирите земји споделуваат загриженост поради сè поагресивната политика на Кина и зајакнувањето на нејзините вооружени сили.
Кина, од друга страна, го гледа формирањето на групата како дел од напорите предводени од САД да го попречат нејзиниот економски и политички подем и да ги спречат обидите да го врати самоуправниот Тајван под своја закрила.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во средата, за време на видео разговор со јапонскиот министер за надворешни работи Јошимас Хајаши, ги критикуваше негативните потези на Вашингтон и Токио против Пекинг.
„Забележително е дека и пред американскиот лидер да замине на турнеја, таканаречената заедничка јапонско-американска антикинеска реторика веќе го крева својот глас“, рече Ванг, како што соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.