Катар се надева дека во 2024 година ќе започне со продажба на течен природен гас во Германија, изјави денеска катарскиот вицепремиер за германскиот весник „Ханделсблат“.
„Сакаме нашата американска фабрика за течен природен гас „Голден Пас“ во Тексас, во која „Катар енерџи“ има удел од 70 отсто, да биде подготвена за испорака во Германија веќе во 2024 година “, рече шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал-Тани, кој исто така е министер за надворешни работи.
Подоцна денеска, катарскиот емир, шеик Тамим бин Хамад Ал Тани треба во Берлин да разговара со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Катар ги има третите по големина резерви на гас во светот, по Русија и Иран.
Германија ги забрзува плановите за поставување терминал за гас во обид да ја намали зависноста од рускиот гас, како одговор на нападот на официјална Москва врз Украина.
Германија од Русија увезува 55 отсто од гасот.