Сенатот на САД со големо мнозинство го одобри пакетот од 40 милијарди долари воена и економска помош за Украина.
Гласањето со 86 гласови „за“ и 11 против даде конечно одобрување на пакетот, кој се очекува брзо да биде потпишан од претседателот Џо Бајден, којшто го предложи пакетот пред само неколку недели.
Водачот на мнозинството во Сенатот, демократот од Њујорк Чак Шумер, рече дека мерката вклучува „навистина значајна помош“ што може да осигура Украинците да бидат победници.
Претставничкиот дом минатата недела го одобри нацрт-законот за Украина 368-57. Кога Бајден ќе го потпише предлог-законот, тоа ќе значи вкупнен износ од над 50 милијарди долари американска помош одобрена за Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Законот предвидува околу 24 милијарди долари за оружје, опрема и воено финансирање за Украина и за покривање на трошоците за обновување на резервите на американско оружје испратени во регионот.
Остатокот вклучува економска помош за одржување на функционирањето на владата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, програми за храна за земјите кои се потпираат на производство во Украина, помош за бегалците и средства за Киев за истрага на руските воени злосторства.