Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили „целосно го уништиле“ украинскиот регион Донбас додека Русија ја интензивира својата офанзива во источна Украина. Зборувајќи во видео обраќање доцна на 19 мај, Зеленски исто така ги обвини руските сили дека се обиделе да убијат што повеќе Украинци и да направат што е можно поголема штета и го повтори своето обвинување дека Русија врши геноцид. „Таму е пекол -- и тоа не е претерување“, рече тој, додавајќи дека 12 лица беа убиени во „бруталното и апсолутно бесмислено бомбардирање“ на Северодонецк на 19 мај.
Зеленски - Руската употреба на ласерско оружје е знак на неуспех
Има „постојани удари врз регионот на Одеса, врз градовите во централна Украина. Донбас е целосно уништен“, рече тој. Зеленски, исто така, рече дека разговарал со британскиот премиер Борис Џонсон и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за низа прашања, вклучително и за финансиска помош за уништената украинска економија и џа „евакуацијата на нашите херои од Азовстал“.
Руското заземање на Азовстал: симболичен успех, „пирова“ победа?
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) претходно соопшти дека почнал да ги регистрира стотиците украински борци кои ја напуштиле фабриката Азовстал во Мариупол како воени заробеници. МКЦК тоа го оцени како „критично за да се обезбеди дека тие ќе бидат третирани хумано и достоинствено“ и ѝ дозволува на организацијата да ги следи оние кои се заробени и да им помогне да останат во контакт со нивните семејства.
Руското Министерство за одбрана на 19 мај соопшти дека бројот на затвореници кои се „предале“ од 16 мај е 1.730. Сите, вклучително и 80 повредени, наводно биле префрлени на територијата во источна Украина која е под контрола на сепаратистите поддржани од Русија. Не е јасно уште колку војници остануваат заробени во распространетиот индустриски комплекс, но градот Мариупол сега е под руска контрола.