Војната на Русија против Украина го потресе европскиот континент, го заврши мирот во Европа и дојде време да работиме заедно и да се заштитиме, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој денеска е во посета на Белград.
По разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, Мишел изјави дека европската интеграција на Србија и на Западен Балкан мора да се забрза и ја потврди „целосната посветеност“ на Европската унија на пристапните преговори. Тој додаде дека земјите кандидати треба да почувствуваат „опипливи придобивки“ од членството во ЕУ.
Мишел на прес-конференцијата директно не кажа дека Србија треба да воведе санкции кон Русија, а средбата со Вучиќ беше затворена за јавноста.
„Претседателот Мишел на многу силен начин ја изрази желбата и очекувањата Србија да се приклучи кон санкциите против Русија, јас го информирав претседателот Мишел за нашите ставови“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на прес-конференција по разговорот со Мишел.
Српските власти повеќепати порачаа дека Србија нема да поддржи воведување санкции против Русија поради, како што објаснија, заштитата на виталните интереси на земјата.
Вучиќ рече дека посетата на претседателот на Европскиот совет на Србија „е од големо значење за иднината и за она што треба да го направиме“. Тој му се заблагодари на Мишел што „прави се што е во негова моќ“ за да го направи Западен Балкан дел од Европската Унија.
Досега Србија поддржа три резолуции во Обединетите Нации поврзани со војната во Украина - резолуција со која се осудува руската агресија врз Украина, резолуција со која се повикува Русија веднаш да ја прекине војната и исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН.