Бајден во посета на Јапонија и Јужна Кореја

Претседателот на Соединетите Држави Џо Бајден

Претседателот на Соединетите Држави Џо Бајден ќе ги посети Јапонија и Јужна Кореја на своето прво азиско патување како американски претседател. Аналитичарите коментираат дека тој носи јасна порака до Кина, а тоа е да не се обидува никаде во Азија да го направи она што Русија го направи во Украина, особено не во Тајван, пренесува Ројтерс.

Бајден заминува на петдневна турнеја, откако помина неколку месеци во организирање на сојузници кои ќе ја казнат Русија за нејзината инвазија на Украина, која Москва ја нарекува „специјална операција“.
Тој ќе се сретне со новиот јужнокорејски претседател Јун Сук Јеол во Сеул и со јапонскиот премиер Фуми Кишидо во Токио, лидери кои споделуваат загриженост за Северна Кореја и Кина и се обидуваат да градат долгорочни сојузи со Вашингтон.

„Во суштина, целта овој пат е да се изгради мрежа на сојузи во Источна Азија, делумно да се спротивстави на секоја кинеска акција против Тајван“, рече Еван Медеирос, експерт за Азија во администрацијата на Барак Обама.

Сеопфатните санкции што Бајден ги воведе против Русија нема да бидат толку едноставни против Пекинг. Кина е најголемиот трговски партнер на Јужна Кореја и најголемиот извор на стоки увезени од Јапонија. Комплицирајќи ја пораката на Бајден, неговата администрација не постави план да му се спротивстави на Пекинг доколку тој сака да го врати самоуправниот остров Тајван, иако американското разузнавање забележуваат дека има подготовки за тоа.

Се очекува Бајден да им понуди подлабока соработка на сојузниците во голем број технолошки проекти, да ги истакне новите јавно-приватни партнерства за да ги олесни ограничувањата на синџирот на снабдување и да ги поддржи јужнокорејските и јапонските иницијативи за модернизирање на нивните одбранбени способности и развој на офанзивни воени способности.

Тој нема да ја посети демилитаризираната зона што се граничи со Северна Кореја, а администрацијата не носи нови идеи како да се справат со нарушените односи, велат аналитичарите. Северна Кореја се откажа од замрзнување на тестирањето на интерконтиненталните балистички ракети и наскоро би можела да ги обнови нуклеарните тестови.