Високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит денеска го повика Советот на министри на БиХ да одобри пари за финансирање на општите избори бидејќи законскиот рок истекува денеска, додека Централната изборна комисија предупреди дека мора да откажат некои подготовки поради немање пари.
„Гласањето е основно право на граѓаните во едно демократско општество, а финансирањето на изборите е законска обврска. Ги повикувам сите членови на Советот на министри да ја завршат својата работа и да ги одобрат средствата“, напиша високиот претставник во објава на Твитер.
Советот на министри во вторникот не се согласи со посебна одлука да издвои 12,5 милиони марки (околу 6,3 милиони евра) за финансирање на изборите.
Хрватските функционери од ХДЗ БиХ беа против, а нивниот министер за финансии и трезор Вјекослав Беванда тврдеше дека таквата одлука е спротивна на законот бидејќи БиХ нема усвоен буџет. За таква одлука гласаа српските и бошњачките министри, но таа не беше прифатена бидејќи сите тројца хрватски министри беа против.
Денеска истекува рокот од 15 дена за одобрување пари за одржување избори, предвидено со Изборниот закон, откако Централната изборна комисија (ЦИК) донесе одлука за распишување општи избори на 2 октомври годинава.
Амбасадата на САД ја критикуваше ХДЗ БиХ дека не ја поддржа одлуката на Советот на министри за доделување пари за изборите, додека делегацијата на Европската комисија во БиХ повика на што поскоро решавање на споровите поврзани со изборниот процес.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел утре пристигнува во Сараево, и се очекува да даде поттик за постигнување договор меѓу хрватските и бошњачките партии за изборниот закон.