Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово не може да се користи како пример кога се оправдува агресијата врз Украина, истакнувајќи дека станува збор за „незнаење, напад на вистината, хуманоста и здравиот разум“.
Курти ова го истакна во својот говор пред Атлантскиот совет во Вашингтон, алудирајќи на споредбите направени меѓу рускиот претседател Владимир Путин меѓу Косово и двата сепаратистички региони во Украина (Доњецк и Луганск).
Путин во неколку наврати направи паралела со Косово, а последен пат тоа го направи на 26 април на средбата со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во Кремљ. Тој тогаш рече дека „ако има преседан, републиките во Донбас можат да го сторат истото“ и дека е факт дека многу западни земји го признаа Косово како независна држава и оти Русија го направи истото со републиките во Донбас.
Три дена пред почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на двата сепаратистички региони во Украина, Доњецк и Луганск, попознати како Донбас.
„Негирање, избегнување и измама. Тоа беше и останува стратегијата на Русија во Украина“, рече косовскиот премиер Курти.
Тој меѓудругото рече дека Србија поради блиските односи со Русија одбива да воведе санкции кон Москва. Тој посочи и дека Москва сака „да се прошири на други фронтови“ и дека поради тоа може да бидат загрозени земјите од Западен Балкан.
„Имајќи ги предвид блиските односи на Србија со Русија, нејзината поддршка за окупацијата на Украина, како и фактот дека Република Српска во Босна и Херцеговина е под контрола на Москва исто како и Белград, ризикот од ширење на конфликтот на Западен Балкан е, за жал, голем “, рече Курти.
Затоа, подвлече Курти, европската интеграција е важна за земјите од Западен Балкан. Косово, во согласност со западните земји, воведе санкции кон Русија и ја осуди агресијата врз Украина.