Европската унија има намера следниот месец да организира самит со лидерите од Западен Балкан, со цел да се промовира зголемен ангажман на ЕУ со регионот.
Шестмината лидери на Западен Балкан на 23 јуни ќе бидат поканети да се сретнат со членовите на Европскиот совет, пред редовниот самит на ЕУ во јуни.
Официјалната потврда за одржување на овој самит дојде веднаш откако претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска предложи формирање на „Европска геополитичка заедница“.
Во говорот пред Европскиот економски и социјален комитет, претседателот на Европскиот совет предложи постепено вклучување на земјите од Западен Балкан во одредени секторски политики на ЕУ, во согласност со нивниот напредок во процесот на пристапување.
Шарл Мишел подвлече дека неговата идеја не е замислена како замена за процесот на проширување.
„Сакам да бидам многу јасен од самиот почеток. Оваа иницијатива во никој случај не е наменета да го замени проширувањето или да даде нов изговор за одолговлекување. Исто така, не е гаранција за вклучените (во Европската геополитичка заедница) дека еден ден ќе бидат членки на ЕУ“, рече Мишел.
Неговата идеја се совпаѓа со неодамнешната иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон за нов тип на „политичка европска заедница“ што ќе им овозможи на земјите надвор од Европската унија, вклучувајќи ги Украина и Велика Британија, да се приклучат на „суштинските европски вредности“. Овој предлог го даде Макрон во говорот на 9 мај во Стазбур.