Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека напорите на Украина за влез во Европската Унија не може да се забрзаат и покрај руската инвазија, на што реагиреше Киев велејќи дека станува збор за „второкласен“ третман.
„Нема кратенки до ЕУ“, рече денеска Шолц во Бундестагот додавајќи дека исклучокот за Украина би бил неправеден кон земјите од Западен Балкан, кои исто така бараат членство.
„Процесот на пристапување не е прашање на месеци или години“, рече Шолц.
Тој повика на други начини за помош за Украина на краток рок, велејќи дека приоритет е „да се концентрираме на поддршката на Украина брзо и прагматично“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, рече дека ќе бидат потребни „децении“ за кандидат како Украина да се приклучи во ЕУ и предложи да се формира поширока политичка организација надвор од блокот, која може да ја вклучи дури и Британија.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба реагираше на изјавата на Шолц критикувајќи го „второкласниот третман“ кон Киев од страна на некои земји од ЕУ.
„Стратешката двосмисленост за европската перспектива на Украина, која некои главни градови на ЕУ ја практикуваа во последниве години, пропадна и мора да заврши“, напиша Кулеба на Твитер.
Тоа „само го охрабри“ рускиот претседател Владимир Путин, додаде шефот на украинската дипломатија.
Кулеба го критикуваше „второкласниот третман“ на Украина, за кој рече дека „ги повредува чувствата на Украинците“.
Шолц денеска рече дека ќе присуствува на самитот на ЕУ подоцна овој месец „со јасна порака дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ“.
Тие со години преземаат интензивни реформи и се подготвуваат за членство“, рече Шолц.
„Не е само прашање на нашиот кредибилитет да ги исполниме ветувањата што им ги дадовме. Денес, повеќе од кога било, нивната интеграција е во наш стратешки интерес“, додаде германскиот канцелар.
Водачите на блокот од 27 земји не понудија конкретен датум за членство за шесте кандидати од Западен Балкан на самитот во Словенија во октомври, повторувајќи ја само „посветеноста на блокот за процесот на проширување“.
Изјавата на ЕУ наиде на разочарување во Албанија, Босна, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.