Архиепископот Стефан ѝ се заблагодари на СПЦ што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија

Со литургијата за помирување меѓу двете цркви, која се одржа во храмот Свети Сава во Белград, чиноначалствуваа поглаварите на двете цркви - македонскиот архиепископ г.г. Стефан и српскиот патријарх Порфириј.

Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање на денешната заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ во храмот „Свети Сава“ во Белград, ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај, кога ја отстрани „повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ.“

„Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата сесветост патријархот г.г. Вартоломеј и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви“, истакна во својот говор архиепископот Стефан.

Инаку денеска утринава во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград почна архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето, со која сослужуваат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан.

Литургијата се случува откако Вселенската Патријаршија на 9 мај ја призна црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа, а наведе дека како име на оваа Црква го признава „Охридска“ имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија.

Потоа и Синодот на Српската православна црква СПЦ соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).

СПЦ соопти дека со тоа се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивното прекинување предизвикани од едностраното прогласување на автокефалност во 1967 година.

Лутургијата за „помирување“ на СПЦ и МПЦ-ОА низ фотографии