Гир - Потребни се максимални напори за отворање на пристапните преговори

Амбасадорот на Европската Унија во Скопје Дејвид Гир.

Треба да бидат направени максимални напори за остварување на целта за отворање на пристапните преговри што е можно поскоро, изјави амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Дејвид Гир.

„Апсолутно сме одлучни да продолжиме напред, знаеме дека е од стратешки интерес на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, овие земји да се приклучат на Унијата и ние очекуваме продолжување на процесот и да ја видиме Северна Македонија во ЕУ што е можно поскоро“, рече Гир.

Пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ се блокирани од 2019 година од членката на Унијата Бугарија, поради историски и барања поврзани со македоснкиот јазик. Пред бугарското вето истата година, францускиот претседател Емануел Макрон го запре започнувањето на преговорите со Албанија и Северна Македонија со ЕУ, велејќи дека е потребна промена на методологијата во преговарачкиот процес.

Македонија во 2017 година потпиша Договор за добрососедство со Бугарија, а во 2018 година го потпиша и Преспанскиот договор со Грција за промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија поради таквото долгогодишно грчко брање, земја која повеќе од две децении ставаше вето на пристапниот процес на Македонија во ЕУ и НАТО.

Макрон во говор пред Европскиот парламент овој месец даде предлог за обединување на земјите кои не се членки на ЕУ во нова политичка организација.

На прашањето до Гир дали новиот предлог на францускиот претседател Макерон е замена за евентуалниот неуспех на процесот на проширувањето, Гир рече дека ставот на Макрон и на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел се јасни , односно дека пристапните процеси за земјите од Западен Балкан остануваат главна движечка сила.

„Нема промени за процесот на проширување и единствен пат е проширувањето за Западен Балкан. Тоа е апсолутно приоритет и пат базиран на реформи. Затоа не гледам дека ова ќе влијае на патот кон полноправно членство во ЕУ“, изјави Гир.

Франција го презеде ротирачкото претседателство со Европската унија во јануари годинава. Макрон во својот говор тогаш вети дека за тој шест месечен период ќе се забележи напредок за сите земји членки.

Гир вели дека сакаат почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро и дека ги поттикнуваат сите напори за таа цел да биде остварена.