Украинската армија соопшти дека руските сили започнале контранапади околу Харкив, во обид да ја вратат изгубената територија откако биле потиснати назад до границата.
Во областа на населбата Велика Комишваха, руските сили претрпеа значителни загуби и беа принудени да се повлечат на нивните претходно окупирани позиции, објави денеска Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Гувернерот на руската област Курск денеска изјави дека едно лице е убиено, а друго рането по украинскиот напад на село во близина на границата.
Британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен за разузнавање денеска објави дека генерал-полковник Сергеј Кисел кој командувал со елитната Прва гардиска тенковска армија, е суспендиран поради неуспехот да го заземе Харкив, вториот по големина украински град.
Во извештајот на британската разузнавачка служба се наведува дека Кисел е само еден од високите руски офицери кои биле отпуштени во последните недели поради лошите перформанси во раните фази на инвазијата на Украина.
Меѓу другите руски команданти кои најверојатно биле отпуштени бил и вицеадмиралот Игор Осипов, кој командувал со руската Црноморска флота по потонувањето на крстосувачот Москва во април, објави британското разузнавање.
На таа позиција најверојатно ќе остане Валери Герасимов, началникот на Генералштабот на руската армија, се наведува во билтенот во кој се додава и дека не е јасно дали ја задржува довербата на претседателот Владимир Путин.