Русија: Скоро 1.700 украински борци „се предадоа“ во Мариупол

Украинските војници, кои го напуштија Азовстал и сега се во рацете на проруските сепаратисти и Русија, се на пат кон затворот Оленивка, на територијата под т.н. Народна Република Донецк во источна Украина. 17 мај 2022 година.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во последните 24 часа се предале 771 украински борец во фабриката за челик Азовстал во Мариупол, која беше последното упориште на Украина во опколениот јужен пристанишен град. Со тоа вкупниот број од 16 мај наваму се искачи на 1.630, кога Црвениот крст започна да ги регистрира.

Министерството соопшти дека 80 од оние што се предале биле ранети. Сите тие наводно биле префрлени на територијата во источна Украина контролирана од сепаратистите поддржани од Русија.

Немаше независна потврда за оваа бројка, ниту пак индикации за судбината на борците кои се уште се криеја во челичарницата.

Москва и Киев дадоа различни проценки за бројот на украинските борци повлечени од Азовстал.

Истовремено, Москва соопшти дека повеќе од 900 украински борци кои пружале отпор од фабриката за челик Азовстал во Мариупол биле одведени во казнена колонија на територијата под контрола на Русија.

Украина им нареди на тамошните војници да се повлечат според договорот постигнат од двете страни, надевајќи се дека ќе ги спасат нивните животи. Според извештаите, резервите на храна и вода во челичарницата биле мали во последните недели.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека од 17 мај 959 украински припадници се предале. Од нив, 51 отишле на лекување поради повреди, а останатите биле испратени во поранешната казнена колонија во градот Олењивка, во областа Доњецк која е под руска контрола.

Министерството за одбрана во Киев објави дека се надева на „процедура за размена, за овие украински херои да се вратат во својата татковина што е можно поскоро“, пренесува АФП.

Нивната судбина останува нејасна, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одби да каже дали тие ќе бидат третирани како воени злосторници или воени заробеници.

Украинското Министерство за одбрана вети дека ќе направи „се што е потребно“ за да ги спаси оние кои се уште се во широката мрежа на тунели и бункери под челичарницата, но ја отфрли можноста за воена опција.