Во Белград денеска, како што најави Соборот на Српската православна црква (СПЦ), ќе се одржи првата литургија заедно со Македонската православна црква (МПЦ). Светиот синод на МПЦ вчера на вонредна седница ја прифати поканата од СПЦ и соопшти дека на литургијата на која ќе биде и српскиот патријарх Порфириј ќе учествуваат поглаварот на МПЦ господин господин Стефан и тројцата највозрасни митрополити. Во соопштението на СПЦ оваа литургија е наречена „помирување“.
Патријарх Порфириј: Да се вратат браќата од Македонија во единство со нас
Претходно, Светиот архиерејски Синод на СПЦ соопшти дека го поздравува прифаќањето на статусот на целосна внатрешна самостојност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Според соопштението на СПЦ, со ова се воспоставува заеднички литургиски и канонски дијалог, бидејќи се отстранети причините за нивното прекинување предизвикани од едностраното прогласување на автокефалност во 1967 година.
Владиката Тимотеј очекува до крајот на месецот да се заокружи постапката со нашето барање автокефалност, како предлог на Српската црква и со согласност на сите православни цркви. На 9 мај Вселенската патријаршија објави дека МПЦ ја признава за канонската црква под името Охридска архиепископија, имајќи ја предвид областа на нејзината јурисдикција во границите на државата Северна Македонија. Одлуката на Вселенската патријаршија не значи дека МПЦ-ОА доби автокефалност.