Елисејската палата по телефонските разговори на францускиот претседател Емануел Макрон со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, со претседателот на Бугарија, Румен Радев и со бугарскиот премиер Кирил Петков објави кратко соопштение.
Целта на овие три разговори, додека Франција претседава со Советот на Европската Унија, како што се наведува во соопштението, било да се поттикнат двете земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.
„Претседателот на Француската републиката потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент“, стои во краткото соопштение.
Француското претседателство со ЕУ завршува на 30 јуни.
Во фокусот на телефонскиот разговор на претседателот на Бугарија, Румен Радев со Макрон биле темите за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, последиците од воените дејствија во Украина и за промената на безбедносната средина во Европа, соопшти кабинетот на Радев.
Радев посочил дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ мора да ги почитува европските вредности поврзани со правата на граѓаните, а Бугарија очекува конечни резултати од Северна Македонија во таа насока, пред да се договорат за почеток на преговорите.
Бугарија и Северна Македонија, како што посочил, се договараат да изготват патоказ со краткорочни и долгорочни цели, но сè уште нема резултати во таа насока.
„Очекувањето на нашата земја за правно обврзувачки гаранции, кои ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Република Северна Македонија и да се обезбеди спроведување на обврските преземени од Скопје“, порачал Радев.
Ковачевски со Макрон, како што претходно денеска соопшти владината прес-служба, се согласиле дека нема време за губење и потенцирале дека натамошното одложување на почетокот на преговорите за членство на С.Македонија во ЕУ може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот.
Почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е блокиран од страна на Бугарија, која во 2019 година стави вето поради прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава.