Ковачевски-Макрон: Нема време за губење за членството на С.Македонија во ЕУ

Знамињата на С.Македонија и на ЕУ во Брисел.

Премиерот Димитар Ковачевски со францускиот претседател Емануел Макрон за време на нивниот телефонски разговор се согласиле дека нема време за губење и потенцирале дека натамошното одложување на почетокот на преговорите за членство на С.Македонија во ЕУ може да има сериозни регионални последици и широко ја отвора вратата за зголемено влијание на трети страни во регионот, соопшти денеска владината прес-служба.

Со тоа прашањето за проширување на ЕУ со Западен Балкан, нагласиле двајцата лидери, го прави сериозно безбедносно прашање. Ковачевски, според соопштението, го нагласил интензивниот политички дијалог во последните неколку години и ангажманот на претседателот Макрон и Франција во однос на процесот на проширување на ЕУ и интеграцијата на С.Македонијa.

За време на разговорот станало збор и за билатералните односи, при што било оценето дека традиционалното пријателство меѓу двете земји, а Ковачевски му ја честитал победата на Макрон на претседателските избори и му посакал успешен втор мандат како шеф на државата.

Елисејската палата објави кратко соопштение по телефонскиот разговор на Макрон, кој последователно разговарал и со претседателот на Бугарија, Румен Радев и со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Целта на овие три разговори, додека Франција претседава со Советот на Европската Унија, како што се наведува во соопштението, било да се поттикнат двете земји брзо да продолжат со дијалогот за спорот меѓу нив.

„Претседателот на Француската републиката потсети на неговата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан, особено во контекст на дестабилизација низ која поминува европскиот континент“, стои во краткото соопштение.

Конференција за Западен Балкан со лидерите од регионот и од ЕУ ќе се одржи на 23 јуни во Брисел, јави МИА. Франција која во моментов претседава со ЕУ од самиот почеток најавуваше дека ќе организира посебен настан со шесте земји од регионот.

Почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е блокиран од страна на Бугарија, која во 2019 година стави вето поради прашања поврзани со историјата и јазикот на земјава.