Конференцијата ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни

Седиштето на Европската комисија во Брисел.

Конференција за Западен Балкан со лидерите од регионот и од ЕУ ќе се одржи на 23 јуни во Брисел, јави МИА. Франција која во моментов претседава со ЕУ од самиот почеток најавуваше дека ќе организира посебен настан со шесте земји од регионот.

Европскиот Совет потврди дека оваа конференција ќе се одржи непосредно пред редовниот јунски ЕУ лидерски самит. Лидерите од шесте земји ќе бидат поканети на 23 јуни наутро да учествуваат на овој заеднички настан со лидерите на ЕУ, кои подоцна истиот ден ќе го отпочнат редовниот јунски самит.

Во овој момент не е извесно дали сите лидери на Европската Унија ќе бидат присутни на состанокот со нивните колеги од Западен Балкан.

Во ЕП попладнево ќе се расправа за Извештајот на европратеникот Илхан Ќучук за напредокот на земјава, во кој ЕУ се повикува да ги процени историски важните безбедносни импликации за стабилноста и единството на европскиот континент и на Западен Балкан поради рускиот напад врз Украина.